По завршеното основно училиште, Игор Јаневски со своите родители, од главниот град на Македонија – Скопје, се сели во Словенија. „Овде видов поубава иднина отколку во Македонија“ – вели 22-годишниот Игор, кого Словенија го изненадила со чистотата и среденоста. Смета дека и образовниот систем во Словенија е подобар.

Таткото на Игор се вработил во македонската амбасада во Словенија, па затоа морало и да се пресели во Словенија. Семејството на почетокот било во Македонија, при што неколку пати ја посетувале Словенија. Една година подоцна, во август 2011, пред почетокот на новата учебна година, целото семејство се преселило во Словенија. „Пред да се преселиме, не го знаев јазикот“ – вели Игор.

Иако откако му завршил мандатот на татко му, требало да се вратат назад, Игор, на 15 години одлучил дека сака да студира во Словенија. Последната година додека бил во гимназија, живеел кај својот најдобар другар. Кога се запишал на факултет, си нашол стан, во кој живее со цимери.

„И студирам и работам“

Најмладиот син на четиричленото семејство – Игор, студира политикологија, студии по демократија и управување на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана. За студирање во Словенија се одлучил и неговиот постар брат, кој има дипломирано на Факултетот за поморство и сообраќај во Порторож, и кој моментално работи како контролор на технички прегледи.

Покрај тоа што студира, Игор работи преку студентскиот сервис во една поголема продавница во Љубљана. „Претпладне сум на предавања, па потоа најчесто одам на ручек со својата девојка. По ручекот до вечерта работам, најдоцна до 21.30 часот“ – го опишува своето секојдневие.

„Најинтересно беше кога не го знаев јазикот. Кога почнав да работам во еден хипермаркет, ми пријде една странка и ми рече дека во фрижидерот нашла играчка. Со оглед на тоа што не ја разбрав, испаничено ѝ реков да ја врати играчката. Странката шокирана замина. А мене ми беше многу непријатно и смешно, кога сфатив што всушност реков“ – се сеќава на своите први денови во Словенија.

„Нема да имаш повисока оценка, ако имаш врски на училиште“

Бил во сите поголеми градови во Словенија, но најмногу му се допаѓа Љубљана. Вели дека живот на градот му даваат архитектурата и луѓето. „Веројатно многу ми се допаѓа зашто доаѓам од град приближно голем колку Љубљана“ – вели. 

„Кога првпат дојдов во Словенија, бев многу изненаден поради тоа што е многу средена и чиста држава“ – се сеќава. „За разлика од Македонија, системот овде подобро функционира“ – забележува. „Ми се чини дека сè функционира како што треба, и со малку труд може да се постигнат уште подобри резултати“ – додава.

Смета дека и образовните можности во Словенија се подобри. „Во Словенија многу повеќе се бара од тебе, и вистина е дека многу повеќе можеш да научиш и многу повеќе можеш да добиеш од образованието“ – вели. „И односот меѓу професорите и студентите е многу различен, тука се поотворени, сакаат да ти помогнат. Го ценат твојот труд“ – додава.

Смета и дека оценувањето е поправедно. „Нема да имаш повисока оценка, ако имаш врски на училиште, што во Македонија е чест случај.“

На странците во Словенија не им е лесно

И ден-денес секојдневно го изненадуваат убавините на Словенија. Забележал и дека животот за странците во Словенија е доста тежок. „Имаме поинакви права од државјаните на Словенија, што е и разбирливо“ – вели.

„Во однос на функционирањето на системот кон студентите од т.н. трети земји, има некои недостатоци“ – објаснува. „Како странец во Словенија, на пример, немаш право на студентски дом. Студентите во Љубљана за соба во студентски дом месечно плаќаат околу 70 евра, при што користат заедничка кујна и бања.“

Како странец, Игор нема можност да живее во студентски, но може да живее во ученички дом. Финансиски, тоа за него е исто како да живее во посебен стан со цимери. „Повеќе сакам да живеам со цимери отколку во ученички дом зашто вака имам поголема слобода, а цената е приближно иста“ – вели.

Станот си го плаќа сам зашто сака да биде што е можно посамостоен. „Секогаш кога е потребно, родителите ми излегуваат во пресрет, но главно сè си плаќам сам зашто сакам да сум независен“ – објаснува.

Според договорот помеѓу Македонија и Словенија, во Словенија добива бесплатно основно осигурување, кое важи само за итни случаи. „Ако завршиш на Ургентно, на пример. Сè друго се плаќа, прегледите, рецептите“ – вели Игор.

Од платата 37 проценти одат за државата

Уште еден „недостаток“, што го нагласи, е плаќањето на дополнителен данок. Бидејќи работи преку студентскиот сервис, околу 15 проценти од неговиот приход, како и од сите студенти, оди за пензиско и инвалидско осигурување. Покрај тоа, со оглед на тоа што е странец, плаќа уште и дополнителни 22 проценти аконтација на приходот. Тоа е вкупно 37 проценти. Ако на пример заработи 100 евра, тој фактички ќе добие само 63 евра.

Еден ден посакува да работи државна работа, како и неговите родители кои работат во јавната администрација. „Сакам да се вработам во некое министерство, во администрација или во некој институт“ – вели. Но, барањето работа за странци во Словенија не е баш лесно. „Најпрво, предност имаат студентите, па словенечките државјани, па државјаните на ЕУ, дури на крајот сме ние, државјаните на т.н. трети земји“ – појасни.

Луѓето се поладни во однос на Македонците, Словенките повеќе спортуваат

„Имам впечаток дека тука луѓето се поладни од луѓето во Македонија“ – објаснува Игор, зашто му изгледаат позатворени. „Словенците за разлика од Македонците се пофокусирани на себе.“ Но и покрај тоа, забележал дека се секогаш подготвени да му помогнат.

„Откога сум дојден, никогаш не сум се осетил како странец, зашто на училиште секојдневно имав поддршка и од професорите и од соучениците“ – се сеќава на средношколските денови, кои ги поминал во Љубљана. „Со нивната помош, сигурно ми беше олеснет процесот на интеграција во словенечкото општество“ – додава.

„Запознав нови луѓе со кои си ја гледам иднината, па затоа можам да кажам дека во Словенија сум многу среќен“ – додава. Во Словенија ја запознал и својата девојка, која исто така студира на Факултетот за општествени науки.

„Словенечките девојки за разлика од македонските повеќе спортуваат и живеат поздраво“ – воодушевено зборува. Вели дека многу му се допаѓа таквиот спортски животен стил.

Генерално, животниот стил во Словенија му се чини поориентиран кон спортот. „Во двете земји животот е многу динамичен и луѓето се под стрес. Разликата е што Словенците за викенд одат на планина, на море или едноставно се во природа, а Македонците повеќе им се посветуваат на домашните обврски и се дружат со семејството и со пријателите пиејќи кафе“ – појасни.

Најмногу му недостигаат семејството и пријателите

„Најмногу ми недостигаат семејството и пријателите. Тешко е да се биде далеку од нив“ – вели 22-годишниот Игор. „Секој ден си пишуваме и се слушаме, но сепак не е исто“ – вели.

Македонија ја посетува двапати годишно, зашто поради факултетските обврски и новиот живот во Словенија, нема многу време. „Налето сум таму на две-три недели, зависи од обврските во Словенија. Дома си одам и ако има некаква семејна прослава, на пример, ако има свадба во поширокото семејство“ – вели.

„Со оглед на тоа дека во градинка и во основно училиште одев во Македонија, имам пријатели со кои сè уште контактирам“ – објаснува. „Освен што студираат, скоро сите работат зашто во Македонија без добри финансиски приходи тешко се преживува.“

Игор својата иднина ја гледа во Словенија. Смета дека тука може да добие поубаво работно место и дека со девојка си ќе има живот каков што посакува. „Сакам да останам зашто мислам дека тука имам светла иднина“ – заклучува..

Интернет-врска: siol.net

    Закажете
    консултација

    Поставете ни прашање и закажете консултација.
    Нашите експерти ќе ви одговорат што е можно поскоро.

    Поставете ни прашање