Ако го читате овој текст, сигурно ве интересира образованието во Словенија, планирате да се запишете на факултет таму, или сте родител на иден студент. Можно е и веќе да сте се запишале на факултет во Словенија и со гордост да се нарекувате бруцош, т. е. студент на прва година.

Според податоци од сигурни извори, за вас ги собравме најважните информации за правата и обврските на студентите, а и карактеристиките на студентскиот живот во Словенија. Во оваа статија ќе зборуваме за тоа како изгледа студентскиот свет, како функционира и кон што треба сериозно да се однесувате.

Што се подразбира под студентски статус?

Според правната дефиниција, студент е она лице кое според востановениот поредок е запишано на образовна институција заради студирање. Па, така, кога идниот студент се запишува на дипломски или на постдипломски студии, на факултет или на висока школа, добива статус на студент.

Документ кој го потврдува статусот на студентот е студентската картичка, а до нејзиното издавање од деканатот може да се земе потврда за упис, која може да се користи заедно со пасошот.

Откако ќе го добие студентскиот статус, студентот:

  1. може да користи здравствено осигурување;
  2. може да добива попуст на исхраната;
  3. може да користи попуст за јавниот превоз;
  4. може да добива стипендија;
  5. може официјално привремено да се вработи преку студентскиот сервис;
  6. може да живее во студентски дом, ако официјално не е вработен и ако не е регистриран во Заводот за вработување.

Студентскиот статус почнува на 1 октомври, трае до 30 септември наредната година и се продолжува при секое успешно преминување во наредната година, сè до завршувањето на студиите.

Студии и испити

Сите студентски обврски може да се сведат на две главни: студентот мора да учи, при тоа користејќи ги сите можности, и успешно да ги извршува академските должности. Освен тоа, студентот станува лице на универзитетот, затоа мора да биде подготвен да го претставува и него и факултетот, и да ја брани неговата чест на конференции, конкурси и форуми.

Сите студенти мора да присуствуваат на предавања и семинари, да извршуваат пракса, да ги исполнуваат домашните задачи, а и самостојно да се едуцираат. Професорите на различни начини го проверуваат знаењето, а методите на проверка зависат од студиската програма: студентите прават тестови, изработуваат семинарски, исполнуваат истражувачки задачи, меѓутоа основни методи на проверка се испитите и колоквиумите.

Колоквиумот значи дека сето знаење што студентот го стекнал во текот на семестарот се дели и се проверува во неколку етапи. Ако студентот го положил првиот колоквиум, професорот го пушта на наредниот.

На секој испит студентите може да се појават определен број пати, во зависност од правилата на универзитетот. При тоа, првите три пати се бесплатни, а наредните се плаќаат. Ако студентот ја повторува годината, појавувањето на испит се брои од почеток, а ако се вратил од академско отсуство, броењето продолжува.

На словенечките универзитети има три испитни рока:

  1. зимски – јануарско-февруарски;
  2. летен – јунско-јулски;
  3. есенски – за решавање на заостанати академски обврски.

За студентот да може да се појави на испит, мора да го пријави преку порталот. Пријавата значи дека студентот ќе присуствува на испитот: ако не се одјави во следните 2-3 дена и не се појави, се подразбира дека не го положил испитот, и може да не го примат да полага во следниот испитен рок. На колоквиум по еден предмет студентот треба да се пријави само еднаш, а понекогаш не треба ни да се пријавува, зашто професорот го договара колоквиумот заедно со студентите.

Ако студентот не се согласува со резултатот од испитот, може да поднесе жалба. Роковите и условите за жалба не се исти на сите универзитети.

Секој студент може да ја поправи оценката на испитот: за тоа мора да пополни посебен формулар и да се подготви за повторно појавување на испитот во некој од следните рокови. Студентот мора претходно да провери во деканатот, кој резултат од испитот ќе се смета за валиден, најдобриот или последниот.

Продолжување на рокот за студирање

Студентот има право да го продолжи периодот на студирање за една година, но за тоа мора да има одредена причина. Универзитетите го решаваат овој проблем на различни начини, но најчесто болеста или активното учество во студентските настани, кои влијаеле на академскиот успех, се земаат како основа за продолжување на студиите. Дополнително, може да земете дополнителна година на студирање, доколку тоа е неопходно поради семејни околности, или сложена животна ситуација, а исто така и ако студентот има статус на лице со посебни потреби или поради студирање во странство.

Студентките со деца може да го продолжат студентскиот статус за уште една година за секое новородено дете и да добиваат мајчин додаток.

Студентот има право на дополнителна година за да го пишува дипломскиот труд, и при тоа да не го изгуби студентскиот статус.

Како да се премине во друга струка

Доколку студентот во текот на студирањето сфати дека избрал област која целосно не му одговара или не може да собере доволно поени и да го исчисти рокот, има право еднаш во текот на студирањето да се префрли на друга студиска програма.

Доколку правецот на студирање не се промени драстично и студентот се префрли на програма слична на претходната (на пр. од економија до финансии), има големи шанси да го продолжи образованието без да изгуби година. Можеби ќе треба дополнително да полагаат еден или два диференцијални испити во текот на годината, но ќе бидат вклучени резултатите во други дисциплини, поврзани со претходните студии.

Преминување на пр. од изучување информатичка технологија до лингвистика, што значи дека новата насока е сосема поинаква од претходната, треба да присуствувате на се од почеток.

Академско отсуство

Академското отсуство (замрзнување на студиите) му овозможува на студентот привремено да ги прекине студиите и подоцна да ги продолжи. Студентот има право да ги замрзне студиите само еднаш во текот на студирањето. Повеќе нема да може да се користи правото на дополнителна година за завршни испити и пишување теза. За време на замрзнувањето на студиите, студентот го губи студентскиот статус, кој автоматски се обновува кога студентот повторно ќе започне да студира.

Доколку академското отсуство трае две години или подолго, а структурата на студиската програма е променета за тоа време, потребно е да напишете апликација за продолжување на студирањето според вашата програма. Доколку студентот ги има преостанатите испити, по враќањето од отсуство, полагањето на овие испити ќе биде платено.

Како да не го изгубите студентскиот статус

Ако студентот ги игнорира студентските обврски, ги нарушува правилата на универзитетот или ако препишува на испитите, во најдобар случај добива предупредување или укор, а во најлош – ќе биде избркан од универзитетот.

Студентот го губи студентскиот статус:

  1. ако престане да оди на настава и нема неопходен број кредити за да премине во наредниот семестар;
  2. ако е избркан од универзитетот;
  3. ако не успеал да ги положи сите испити и ако не успеал да го напише дипломскиот труд во текот на дополнителната (апсолвентска) година.

Текстот го прилагоди: Анастасија Пименова

    Закажете
    консултација

    Поставете ни прашање и закажете консултација.
    Нашите експерти ќе ви одговорат што е можно поскоро.

    Поставете ни прашање